СЀ Е ПОДГОТВЕНО ЗА ПОЧЕТОКОТ НА 49. ФЕСТИВАЛ НА НАРОДНИ ИНСТРУМЕНТИ И ПЕСНИ „ПЕЦЕ АТАНАСОВСКИ“

ВО ПРИЛЕП И ВО ДОЛНЕНИ ЌЕ СЕ РАЗЛЕВААТ ИЗВОРНИТЕ ПЕСНИ

На 30 јуни и на 1 јули во Прилеп и на Рудина кај Долнени ќе се одржува 49. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Околу 300 учесници од цела Македонија, изведувачи на народни инструменти и на изворни песни ќе ги продолжат традициите, умешноста и вековното знаење на изворниот мелос.

На 30 јуни на камената бина на плоштадот „Александрија“ во центарот на Прилеп и на 1 јули на Рудина, Долнени ќе се разлеваат гајдата, зурлата, кавалот, кемането, ќе одекнат тапаните, ќе се пее изворната песна.

И тоа не е сѐ.

На 27 јуни ќе почне Семинарот за изучување на народните инструменти и песни. Ќе трае до 30 јуни. Изворниот мелос ќе го изучуваат 10-тина учесници од Македонија и гости од Србија.

На 30 јуни напладне во Домот на културата „Марко Цепенков“ ќе се одржи симпозиумот (и тој е веќе традиција во рамките на Фестивалот“) насловен „Фолклорот во минатото и денес“.

Групите и солистите од цела Македонија веќе го пријавија учеството.

Ќе уживаме во изворната музика и народните инструменти.

А за најдобрите изведувачи – ќе се погрижи фестивалското жири.

Најдобриот гајдаџија ќе ја добие Гајдата на Пеце што ја доделува општина Долнени.