Со дефиле во центарот на Прилеп на 50 гајдаџии од цела Македонија утревечер ќе започне 50-тото, јубилејно издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Во двете фестивалски вечери, утревечер од 19 часот на летната сцена од плоштадот Александрија во Прилеп, а в сабота на Рудина Долнени, ќе настапат околу 250 изведувачи на изворниот мелос, беше соопштено на денешната прес-конференција во Прилеп. Во рамките на фестивалот веќе се одржува Семинарот за изучување на народните инструменти и песни во Ученичкиот дом „Орде Чопела. Учествуваат 12 млади, вљубеници во фолклорните традиции, а предавачи се професор д-р Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот, професор д-р Горанчо Ангелов од музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, доцент д-р Стојанче Ангелов и м-р Горан Василески, претседател на Фестивалот.-Фестивалот одбележува голем јубилеј, пет децении постоење и ја исполнува задачата за зачувување, негување и пренесување на помладите генерации на богатиот изворен мелос. Изведувачи на народни инструменти и песни има многу во Македонија, од најмлади од 5 годишна возраст, па до 95 години и радост е да се знае дека фолклорната традиција се негува, рече Родна Величковска, уметнички директор на Фестивалот. За јубилејното издание се бројни фестивалски настани.-Освен семинарот, застапена е и научната мисла. Еминентни научни дејци од фолклористиката и годинава на научниот симпозиум, утре од 11 часот, ќе ги претстават најновите истражувања, објавени во Зборникот „Фолклорот во минатото и денес“. Фестивалот ќе ја промовира и монографијата за јубилејот: „Непресушен извор – за навек“. Многу е значајно што в сабота во Спомен-куќата на фестивалот во Долнени ќе биде потпишан Меморандум за соработка со Културно информативниот центар „Небрегово“ и со манифестацијата „Зборникот на Конески“ со што на повисоко ниво се истакнува значењето на големите дејци од Прилепскиот регион: великанот Блаже Конески како и народниот уметник со универзални вредности кој богатото културно наследство го има претставено низ светот, Пеце Атанасовски чие име го носи Фестивалот, рече Горан Василески, претседател на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. За доцент д-р Стојанче Костов е битно што Фестивалот не го загуби континуитетот ниту во пандемиските години, а професор д-р Горанчо Ангелов смета дека последните години е зголемен интересот на младите да го иузучуваат богатиот изворен мелос. -Значајно е што се зголеми интересот кај младите и да свират и да опеат, а треба поддршка и за „мајсторите“ кои изработуваат народни инструменти. Во моментов се бројат на прсти, околу 8 се во земјава. Најмладиот има 24, а највозрасниот околу 70 години. Освен тоа институционалната поддршка е пресудна за зачувување на богатото фолклорно наследство, рече на прес-конференцијата Ангелов.За 50 години на Фестивалот учествувале преку 15 000 изведувачи на изворен мелос, имало и гости од сите краишта на светот, а во 13 години на одржувањето на Семинарот, изучувале околу 150 вљубеници на фолклорните традиции. По повод јубилејот, Фестивалот ќе додели 10 статуетки и 50 благодарници на поединци и институции кои го помогнале растежот на оваа национална манифестација. Генерален покровител е Министерството за култура, а покровители се локалните самоуправи на Прилеп и на Долнени.